Осигуреникот ќе може да се лекува на товар на националната здравствена каса само во медицинските установи што имаат склучено договори со Фондот, а врз основа на осигурувањето ќе им следува и право на вештачко оплодување до трипати и тоа единствено во здравствени установи што имаат склучено договор со Фондот. Ова се веќе најавените новини кои и формално ги визира Управниот одбор на Фондот со измените и дополнувањата на Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од здравственото осигурување. Со нив е предвидена и можноста, ако осигуреникот има намера да го промени својот матичен лекар, а тој не му потпишува одјава, подрачната служба врз основа на писмена изјава да направи промена по службена должност. Донесените новини, според соопштението од националната здравствена каса влегуваат во сила осмиот ден по објавувањето во Службен весник по добивањето согласност од министерот за здравство.
Согласно измените, на втората страница од здравствените легитимации ќе има простор на кој ќе стои налепница со бар код за единствениот матичен број на осигуреникот, додека на 48 страница, пак, каде се наведуваат правата на осигурениците, се додава нов текст во кој стои дека осигуреникот ќе може да ги користи здравствените услуги само во установи што имаат склучено договори со Фондот. Измените ќе важат за новите легитимации, а осигурениците нема потреба да ги менуваат досегашните. Управниот одбор ја прифатил и анализите кои покажуваат дека во октомври и во ноември 2005 година се чувствува голем напредок во наплатата на придонесите при што планираните средства се остварени со 97 отсто.
Констатирано е и дека обврските на Фондот во ноември бележат намалување во однос на претходниот период за 9 отсто, односно дека во претпоследниот месец од минатата година тие се сведени на 2,05 милијарди денари. Анализата покажала дека седумте пилот-здравствени установи ги зголемиле обврските кон добавувачите за услуги што не паѓаат на товар на Фондот.


Ристе НЕДАНОВСКИ