Аеродромското претпријатие да оди под концесија или да остане и натаму во државна сопственост е тема околу која на неколку наврати е расправано во Владата, а за тоа станало збор и на завчерашниот состанок на премиерот Бучковски со директорот на ова јавно преторијатие, Орхан Рамадани. За ова денес ќе расправаат и владините комисии за политички и за економски систем и многу е можно на денешната седница Владата да донесена одлука за начинот на трансформацијата на претпријатието. А со оглед дека и премиерот Бучковски, како што се дознава, е на мислење дека и Аеродромите треба да одат под концесија, многу е можно да биде донесено такво решение. Појдовна основа за расправата треба да биде студијата на странскиот консултант, фирмата “Скот Вилсон” според која двете опции се – концесионерство или останување на аеродромите и натаму во државна сопственост. Темата за иднината на аеродромите ја актуализира ресорниот министер Џемаил Мехази, кој очигледно ја застапува намерата на неговата партија, ЈПАУ “Македонија” што поскоро да се даде под концесија. Дека се работи за партиски став потврдува фактот дека и директорот на ова јавно претпријатие, Орхан Рамадани е на исто мислење, а него го дели и директорот на Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба, Илир Мехмеди. Од таму доаѓа и предлогот да се смени Законот за воздушна пловидба и годините предвидени за концесионерство да се зголемат од сегашните седум, на 20 години, за да се најде “посигурен” партнер. Ако се знае дека ДУИ од една страна не дава да се “чепне” во “Македонска пошта” каде што има свој кадар и за која се тврди дека може да работи успешно и без “памет” од странците, тогаш инсистирањето аеродромите да се дадат на странски партнер, иако се работи за дејност далеку попрофитабилна од поштенскиот сообраќај, неминовно го наметнува стравувањето дека постои намера да се добие “одбран” партнер. Сосема спротивен став има првиот финансиер во државата, министерот Никола Поповски, според кој Аеродромското претпријатие не мора да се дава на никого и дека може да работи профитабилно, како што впрочем беше порано, а дека инвестицијата на државата од околу 50 милиони евра за модернизација на аеродромската зграда, би била исплатлива. Истово мислење го делат и се повеќе луѓе од овој бизнис, кои сметаат дека концесионерството може да биде опција за некој понатамошен период на развој на Македонија, а дека сега, пред се од безбедносен аспект, е подобро Аеродромите да останат под државна капа. Од едноставна причина што со концесијата ќе се даде и управувањето со пистите, за кои, пак, Македонија се уште отплаќа кредити за направените модернизации. Затоа, сметаат тие, со кредитно задолжување би можела да се изгради пристојна Аеродромска зграда, од која сите несуштински дејности (бифеа, продавници, фри-шопови, кетеринг и друго) би се издале и со тие приходи, како и со оние од прием и отпрема на авиони, патници и стока, аеродромот би бил рентабилен. Нормално, тоа би значило и рационализација на бројот на вработените. Скопскиот аеродром инаку, од некогашните 400 вработени, сега има околу 900 бидејќи во изминативе неколку години беше место за партиски вработувања.


Зденка ПАВКОВИЌ