По САД, Канада и повеќе земји од Европската Унија, и Австралија ќе протера руски дипломати поради труењето на рускиот шпион.

Последна држава која одлучи поради солидарност со Велика Британија, на чија територија се отруени двојниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, да протера руски дипломати, е Австралија. Поточно, најавено е протерување на двајца дипломати.

Австралискиот премиер, Малколм Тернбул, рекол дека во прашање се непријавени разузнавачи и дека тие имаат седум дена да ја напуштат Австралија.

Околу 20 држави, меѓу кои и Македонија, го следеа примерот на Лондон и протераа руски дипломати. Амбасадорот на Русија во ОН, Василиј Небензја, ја опишал одлуката на САД да протера 12 руски дипломати како непријателски чекор.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека зад ваквите дипломатски потези стои НАТО, кој користи политика на казнување и се обидува да ја демонизира Русија.

извор: Makfax