Итен стечај за “ОТЕКС”!
Министерсвото за економија предлага итна стечајна постапка за трајно решавање на иднината на охридскиот текстилен гигант “ОТЕКС”. Со ваквата постапка, според Министерството, ќе се обезбедат сите предуслови за рестартирање на фабриката со нова структура на капиталот, враќање на поголем дел од работниците, како и вложување на дополнителни инвестиции и освојување на нови пазари.
Холдинг компанијата АД “Отекс” е задолжена со 14 милиони евра, а проценетата вредност на капиталот изнесува 1,25 милијарди денари. Во имотот влегува 260.000 квадратни метри, површина на која е сместена фабриката, 22.000 метри квадратни борова шума, 3.000 метри квадратни плац со платени комуналии за изградба на хотел, акции во Охридска банка (1,85 милиони евра) и акции во КЈУБИ (150.000 евра). Кон државните институции – фондови, јавни претпријатија, УЈП и други, долгот е 508 милиони денари, додека кон банките, кои се обезбедени со хипотеки, долгот изнесува 290 милиони денари, што го отежнува процесот на трансформацијата. Ова се официјалните информации за задолженоста на некогашниот гигант во текстилната индустрија кои Министерството за економија ги достави писмено како одговор на пратеничко прашање на пратеникот Цветанка Гашоска по барање на 1.700 вработени во оваа компанија.
Директорот Биткоски не е расположен да даде коментар за мислењето на Министерството за отпочнување на итен стечај. Нашиот обид да стапиме со него во контакт беше неуспешен, па дури задолжените служби не ни дозволија да влеземе во дворот на фабриката, држејќи ја капијата заклучена со катинари.
Сузана ВРЕНЦОВСКА