Канцеларијата на државниот обвинител во Агриџент на Сицилија објави дека вицепремиерот на Италија, Матео Салвини се наоѓа под истрага поради неговата одлука да задржи повеќе од 170 мигранти на бродот на крајбрежната стража. Ова следи еден ден откако Салвини даде дозвола мигрантите да го напуштат бродот, јавија италијанските медиуми.

Канцеларијата наведува дека Салвини е осомничен за киднапирање, нелегално апсење и злоупотреба на службената положба, пренесе „Политико“.

„Можат да ме уапсат мене, но не и желбата на 60 милиони Италијанци“ реагираше Салвини.

На бродот првично се наоѓаа 177 мигранти, во главно од Еритреја, а спасени беа од Средозменото море. Властите им дозволија на еден мал дел мигранти да се симнат од бродот поради хуманитарни причини.

Во меѓувреме, Албанија, Ирска и католичката црква прифатија да ги преземат мигрантите.

извор: Makfax