Што е вистинска изолација најдобро знае Италијанецот Мауро Моранди, кој веќе 30 години е единствениот жител на островот Будели во близина на Сардинија.

Изминатите неколку недели неговата колиба била соодветно изолирано место од кое можело да се набљудува глобалната криза со коронавирусот.

Со толкав стаж на осаменост со сопствените мисли тој најдобро знае што не чека сите нас во следните недели и месеци. Моранди, поранешен учител, стигнал случајно на островот Будели покрај брегот на Сардинија, додека се обидувал да отплови од Италија до Полинезија пред 31 година. Се вљубил во кристално чистата вода, коралниот песок и заоѓањата на сонцето, по што одлучил да остане таму засекогаш. Набрзо ја презел должноста на претходниот жител и сега, на возраст од 81 година, се уше е на островот. Во меѓувреме, стекнал репутација на италијански Робинзон Крусо.

Тој и натаму следи вести и знае што се случува во Италија и во светот. Вели дека во својот осамен свет моментално се чувствува како да е на најбезбедното место на Земјата. Исто така сака да сподели неколку совети како е најдобро да се соочиш со самоизолација.

„Добро сум, не се плашам. Се чувствувам безбедно овде. Овој остров нуди целосна заштита. Нема никакви ризици. Никој не доаѓа, дури ни еден брод не може да се види тука“ вели тој за „Си-ен-ен Травел“.

Вели дека самоизолацијата е одлична можност луѓето да се позанимаваат со својата душа. В зима, вели дека е во куќата, а на лето шета по островот. Не му е јасно како луѓето не можат да издржат две недели во самотија.

„Многу читам и размислувам. Мислам дека многу луѓе се плашат дека ако тоа го сторат, ќе почнат да медитираат и да размислуваат за работите, а тоа може да биде опасно. Ако почнете да ги гледате работите од друго светло и бидете критични, би можеле да видите каков беден живот водите или каква лоша личност сте или какви лоши работи сте направиле“ вели Моранди.

Тој ја пропатувал Европа и на крајот завршил на овој остров. Иако е сам, вели дека никогаш не се чувствува осамено.

извор: Makfax