Марија Брзакова, жената по која веќе 12 дена се трага, покрај тоа што е мајка на тригодишно девојче, во моментот на исчезнувањето била во вториот месец од бременоста, пишува на апелот којшто е актуелен на социјалните мрежи.

Веста дека таа го очекувала раѓањето на своето второ дете на социјалните мрежи масовно се споделува и во апелот со нејзината фотографија се замолува за каква било информација околу нејзиното исчезнување. Потенцирано е дека таа има тригодишна ќеркичка која ја чека дома, а, исто така, била веќе два месеци бремена.

– Марија Брзакова, ќерката тригодишна ја бара мајката, бремена два месеци, од 18.01.2020 молиме за помош, Македонија, Србија, Бугарија, Романија, пишува во апелот на српски јазик, под којшто е оставен телефонскиот број за контакт.

Фокус со цел да дознае дали информацијата за бременоста на Марија е точна, што дава дополнителна тежина на целиот случај, се обрати во СВР Струмица.

– Од таму, како и минатата недела, ни потенцираа дека не смеат да откриваат детали, па за сите прашања поврзани со случајот не упатија да се обратиме во ОЈО Струмица. Обвинителката Силвана Барјактарова, којашто ни беше посочена како лице за контакт не беше достапна. Во телефонски разговор од обвинителството ни кажаа дека е на терен, а нејзиниот мобилен број не смееле да го даваат на медиуми. Младата мајка од Босилово, Струмица исчезнала на 18-ти јануари, рано наутро. Нејзиниот сопруг го пријавил исчезнувањето во полиција три дена подоцна. По неа трагаа жители на општината и ловџии, се пребаруваа канали и речни корита, но безуспешно, пишува Фокус.