x

ИСТОРИЈА (17.06.1979): Вардар-Трепча беше натпревар на ВЕКОТ за македонската фудбалска гордост

Вардар од своето основање во 1947 година па до сега, го освоил Купот на екс – СФРЈ, бил шампион на таа земја, настапувал во Европа, потоа по осамостојувањето на државата  играл во групната фаза во ЛЕ, освоил 10 титули во Р. Македонија, има успеси и успеси, но дали мечот Вардар – Трепча, одигран на 17 јуни 1979 година, е натпревар на векот за македонската фудбалска гордост?

Повозрасните фанови на Вардар ќе кажат дека тој меч, таа победа и влезот во Првата лига на екс-СФРЈ, ја одредил подоцнежната судбина, како голем клуб, на Вардар. Ако на тој меч скопските „црвено –црни“ не славеа и со тоа не се пласираа во елитата, секако дека и Вардар немаше да биде, она што потоа стана и беше во изминатите 40 години. 

МИЦЕВСКИ: КОГА ЌЕ СЕ СЕТАМ НА ТОЈ МЕЧ МЕ ФАЌА НЕРВОЗА!

А зошто токму тој меч е натпревар на векот?

Вардар при крајот на 70-тите години од минатиот век никако не успеваше да влезе во елитата, и таа сезона 1978/79 беше последната шанса. Тренер беше Стјепан Бобек, а на тој 17 јуни во Скопје гостуваше силната Трепча. Последно коло во Втората лига – Исток. На Вардар му требаше само победа. Цела недела се говореше за тој меч, цела Македонија беше на нозе, се вмеша тука и политиката. Трепча беше чедо на енергерскиот гигант на Косово, имаше пари. Вардар пак беше македонска гордост. Повозрасните велат дека тоа попладне на 17 јуни, Градски бил најпосетен во сета негова историја. Имало најмалку 25.000 гледачи, некои „оперираат“ и со бројка од 30.000. А ако говориш со повозрасните фудбалски фанови, тогаш имало можеби и 100.000, зошто сите тие велат дека биле на натпреварот. Се разбира ова во шега го споменуваме. И од ова се гледа колку бил значаен тој натпревар на векот за Вардар. И Вардар успеа, победи со 2:1 и се пласираше во Првата лига на екс-СФРЈ,и го трасираше патот кон голем Вардар, силен, моќен Вардар.

Сецијално за СПОРТМЕДИА говорат дел од актерите од тој меч, Борче Мицевски и Ѓоре Јовановски, легенди на Вардар, потоа и успешен тренерски тандем кој освои голем број титули во ПМФЛ. Ѓоре како шеф, а Чифте како асистент.

„Имавме силен тим. Филиповски, Ѓ. Јовановски, В. Димитровски, Драганиќ, Мицевски, Рингов, Кочо Димитровски, Рајчевски и други. И сега, кога зборувам за тој меч ме фаќа нервоза, просто се ежам, а минаа повеќе од 40 години. Според мене тоа беша најважниот натпревар за Вардар во неговата историја. Ако не победевме, немаше да го има оној Вардар што сега го знаеме, ќе си тавореше долго време во Втората лига на екс-СФРЈ. Седум дена пред мечот бевме во карантин во Неготино, во саботата вечерта дојдовме во Скопје, тука во Панорама ја минавме последната ноќ. Не смеевме да комуницираме со никого, дури ни со најблиските. Им беше забрането и на навивачите да дојдат во хотелот. Кога веќе тргнавме накај стадионот, и кога видовме што се случува во центарот на Скопје, е тогаш си рековме дека не смееме по никоја цена да ја „оплескаме“ работата. По фаулот над Кочо Димитровски јас од пенал донесов водство од 1:0. Искрено, сега не би шутирал така значаен пенал. Ама тогаш не бев свесен што ќе беше ако промашев. Савовиќ на почетокот од второто полувреме израмни на 1:1, со тоа реми Трепча беше прва, но ете среќа, Рингов успеа да погоди за 2:1. Следуваше невидена еуфорија, мислам дека цела Македонија беше на нозе. И од тој 17 јуни па наваму Вардар стана тоа што е сега, голем клуб“, се присетува Мицевски.

Кога сме кај Савовиќ, да кажеме дека на 2:1 за Вардар во последните секунди од мечот, тој имал супер шанса, но тогаш „црвено – црните“ имале неверојатно голема среќа. Неколку денови  подоцна, тој и голманот Симеуновиќ, направиле трансфери во Вардар за да играат во Првата лига на екс – СФРЈ.

Таа 1978/79 сезона во Втората лига – Исток, Вардар ја заврши како прв со 43 бодови, Трепча беше втора со 42. И само благодарение на победата во последното коло на Вардар над Трепча. 

ЃОРЕ: ПЕНАЛОТ НА МИЦЕВСКИ САМО ЈАС ГО ГЛЕДАВ!

И Ѓоре се сложува дека тој меч за Вардар е од историско значење.

„Тежок меч за играње од психолошки аспект. Ние сите знаевме што носи, што може да се добие, а што да се загуби. Стресно беше да си на теренот. Не одигравме којзнае како квалитетно, но ете победивме, тоа беше најважно во тој момент, на тој меч. Инаку има еден легендарен момент од тој натпревар, не знам каде е сега таа ТВ снимка. Имено додека Борче Мицевски на 0:0 го изведува пеналот, сите играчи на Вардар беа свртени кон нашиот гол, едноставно не можеа да го гледаат, само јас ете бев доволно храбар да го гледам. Тој момент засекогаш се врежа во мене, тоа не се заборава“, вели Јовановски.  

И од тој 17 јуни 1979 година, почна подемот на Вардар. Македонскиот бренд никогаш веќе не испадна од лигата, никогаш веќе не се бореше за опстанок. Стана шампион, играше во Купот на Шампионите со Порто. Ја изнедри онаа златна генерација на Панчев, Рингов, Савевски, Цапар, Најдоски, Јаневски…

Во самостојна Македонија „влезе“ како гигант, освои најмногу титули, играше во групната фаза во Лигата на Европа, на чекор беше до пласман и до Лигата на Шампионите.

Ех, а што ако на 17 јуни 1979 година Вардар не победеше…во тој натпревар на векот?

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата