x

ИСТОРИЈА: Вардар во 1961 го освои Купот на Маршал Тито, блескав успех кој ја израдува цела Македонија (ВИДЕО)

До таа сезона 1986/87, кога Вардар стана првак на екс-СФРЈ, најголемиот успех на нашиот најпознат клуб беше во сезоната 1960/61 кога го освои Купот на Југославија или популарно наречен Купот на Маршал Тито.

Голем, преголем успех на македонскиот бренд, да бидеш пред едни Ц. Звезда, Партизан, Хајдук, Динамо и останатите, навистина е голема работа.

Датумот 26 мај 1961 година со златни букви е запишан во мак-фудбалот и секако во Вардар.

Тоа попладне на стадионот ЈНА во Белград, пред 15.000 гледачи, најголем број дојдени од Скопје и цела Македонија, Вардар со 2:1 успеа да слави против Вартекс од Вараждин.

Стрелци на головите беа Николовски во 50. минута и Илиевски во 53.минута. Вартекс успеа само да намали во 59. минута, но тоа не беше доволно за да ја намали радоста на вардарци, радоста и еуфоријата во цела Македонија.

Прво славјето беше низ улиците на Белград, а потоа пехарот беше донесен во Скопје каде фановите на Вардар на своите љубимци им приредија срдечен пречек. 

КАПИТЕНОТ ДАЦЕВСКИ ГО ПРИМИ ГОЛЕМИОТ ПЕХАР

По мечот, како што е и вообичаено, пехарот го прими капитенот Славко Дацевски. Покрај него легендарниот тренер Илеш Шпиц им даде шанса за настап на овој антологиски натпревар, и на Тоде Георгиевски, Благоја Вучидолов, Петар Анѓушев, Часлав Божиновски, Драган Трајчевски, Владо Николовски, Мирко Илиевски, Стојан Велкоски, Андон Дончевски, Петар Шулинчевски. 

Да споменеме дека патот на Вардар кон финалето не беше баш така лесен. Во првото коло совладан беше тимот на Млекарница (10:0), потоа следуваше триумфот над Јединство Бијело Поље (2:1), победен беше и Партизан (3:2), потоа Раднички Белград (4:1), во полуфиналето совладан беше Сплит (5:2).

Уште еднаш да повториме. Ова е првиот гигантски успех на мак-фудбалот, затоа сите тие фудбалери кои играа на 26 мај1961 во Белград, заслужуваат со сиот пиетет да се сеќаваме на нив. 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата