x

ИСТОРИЈАТ: РК Вардар и пред 55 години го бодреле 5.000 навивачи!

Фотографијата е снимена на 14 октомври 1966 година на игралиштето во „Грдаски парк“ во Скопје. Дуел на РК Вардар со РК Борец во плеј-офот за пласман во прва лига на тогашна Југославија.

Преполни трибини, сокаци, ќошиња… Голем влог, голем натпреар, но за жал и пораз на актуелниот европски првак на овој меч со Борец со резултат 13:9 (8:6), за екипата од Велес.

„Тоа беше тензичен натпревар, полни трибини и околу 5.000 навивачи. Толку можеше да собере игралиштето во тоа време. Го победивме Борец во Велес со еден гол разлика. Сите очекувавме дека ние ќе одиме во баражот но ете Борец во еден меч со многу жестоки дуели и тензии славеше до 4 гола разлика“, ни ги открива овие историски моменти Серафим Димовски, кој играше во таа втора генерација на РК Вардар.

Клубот е формиран во 1961 година но по две години почнува со битни резултати во регионалната лига. Овој дуел со Борец е првиот голем предизвик за клубот кој сега владее со Европа.

„И пред 55 години Вардар беше Вардар иако Работнички тогаш играше во Прва лига, а по оваа победа Борец се вивна и тие беа дел од најсилната лига на Југославија. Во седумдесетите и Вардар и Пелистер добија нов лик. Тогаш се играше на отворени терени, сали немаше… Тој ракомет и овој сега е многу поразличен. Тогаш ние игравме и ракомет и одбојка и фудбал. Јас по овој дуел со Борец заминав да играм фудбал во Македонија Ѓ.П, други станаа успешни новинари, адвокати…“, открива Димовски за почетоците на најголемиот спортски бренд кој го има нашата држава.

Овој историјат од 1966 година е во време кога РК Вардар се соочува со големиот удар од ЕХФ и „фашистичкјата“ одлука нашиот клуб да не добие шанса да ја брани европската круна. Тимот кој изминативе три години со две титули и три пласмани на Ф4 во Келн мора да се откаже без борба и со одлука на зелена маса. Одлука која е далеку од спортска!

Исто така ова е фотографија и историјат кои докажуваат дека РК Вардар има своја историја која трае шеесетина години.

Составот на РК Вардар 1966:

СТОЈАТ: Трпчевски, Поповиќ (екс селектор на Ц.Гора), Атанасовски, Димовски, Панев, Стаматов. КЛЕЧАТ: Гоце Сипковски, Томовски, Цветковски, Ѓошевски, Панков.

*Тренер на екипата бил Зафир Куновски кој своевремено играл за Црвена Звезда, а претседател на клубот во тоа време е Борис Поп Ѓорчев.

Од играчите кои играле во таа сезона а поради повреда не играле се уште и: Борче Наумовски, Мирослав Наумовски, Агим Мифтари.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата