Според многумина, италијанскиот суд донесе историска одлука дека децата, кога се исполнети условите за тоа, мора да работат, а не да бидат издржувани цел живот.

тоа е спротивно на законот што предвидува обврска на родителите да ги поддржуваат децата кои дипломирале, но немаат работа.

Пресудата следувала по тужбата, поднесена од мајка против нејзиниот поранешен сопруг, бидејќи тој одбил да продолжи да го издржува (да плаќа алиментација) својот син, кој дипломирал на колеџ и има повеќе од 30 години.

Во одлуката на судот се вели дека покрај правата, постојат и обврски, од кои едната е дека децата како и родителите мора да работат и да не живеат од алиментација до пензија.

„Издржувањето од родителите не е животно осигурување“, одлучи судот и им порача на младите луѓе да бараат работа и да не чекаат да најдат нешто што сакаат.

Многумина ја означуваат одлуката на судот како историска затоа што ја прекинува распространетата традиција во Италија децата да останат да живеат со своите родители дури и откако ќе наполнат 34 години и да бидат издржувани не само од родителите, туку честопати и од нивните баби и дедовци.

Медиумите потсетуваат дека сега потрагата по работа во Италија е често „титанска работа“, но тоа секако не ги оправдува младите кои би останале со своите родители до пензија и би живееле од нивните пари.

Во просек, младите Италијанци го напуштаат домот на своите родители околу 30-годишна возраст за да живеат сами, а на пример, во Германија и Франција одат на 23-годишна возраст, во Шведска на 18-годишна возраст и во Финска на возраст од 21 година.

Младите Италијанци остануваат да живеат со своите родители дури и кога ќе почнат да работат, а според статистичките податоци, такви има дури 66 проценти на возраст меѓу 18 и 34 години.

извор: Makfax