Испратнините ги надминуваат законските услови
“Македонски телекомуникации” не верува дека повикот на синдикатот за протест што треба да се одржи денеска пред Управната зграда на компанијата, или, пак, генерален штрајк е во интерес на вработените. Како што истакнуваат од Телеком, во компанијата постои значителен број вработени, односно една третина од предвидениот број кои треба да заминат од работа, а кои веќе ја прифатиле понудата за заемна спогодба. Оваа понуда покажува дека “Македонски телекомуникации” нудат убедливо највисоки испратнини и најповолни услови во целото македонско стопанство и далеку ги надминува условите предвидени со Законот за работни односи.
Токму одредбите на овој Закон, велат од Телеком, ги надминуваат сите членови на претходно донесените колективни договори во земјава, а компанијата ги почитува сите оние членови кои се во согласност со важечкиот закон.
Од 550-те вработени кои ќе добијат испратнина во износ од 11.000 евра, како што појаснуваат од Телеком, на 230 вработени ќе им се обезбеди продолжување на нивната работа во компании што се избрани од страна на “Македонски телекомуникации”. Нивните плати ќе бидат непроменети, работниот однос ќе им биде загарантиран две години и ќе добијат и дополнителен износ од 5.000 евра. (С. Бл.)