АД “Макстил” целосно ги исполни бизнис-проекциите за годинава, а со постигнатите резултати и натаму останува лидер во националниот челичен комплекс”, вели Александар Панов, генералниот директор на “Макстил”. Во погонот Челичарница до крајот на годината ќе се произведе 321.000 контилеен слаб, со што ќе биде натфрлен проектираниот план за 1,9 проценти, а во споредба со 2004 година за 3,8 проценти. Во целост е исполнет оперативниот план и во производствениот погон Валавница за дебели лимови, каде што има забележан пораст на производството во однос на 2004 година.
Во 2005 година “Макстил” го подобрил и квалитетот на финалниот производ за приближно два процента. Од приватизацијата во 1997 година кумулативно се реализирани инвестиции од 40-тина милиони американски долари. Со овие инвестиции Челичарницата го зголемила за повеќе од шестпати сопственото производство, од 28.674 тони во 1997 година на 321.000 тони во 2005 година, а погонот Валавница за дебели лимови двојно го зголемила производството од 160.750 тони во 1997 година на 320.000 тони.
Според анализата на УСАИД во периодот од 1994 до 2004 година во проектот за усогласување со СТО, “Макстил” учествува со 39,4 отсто на ниво на гранка, односно со 5,8 отсто во извозот на ниво на земјава. (В.М.Б.)