Фондот за здравствено осигурување бара враќање на некогашната практика со која на вработените во фирмите да не може да им се подели плата додека не се намират обврските за здравствено осигурување. Ова е иницијатива на Управниот одбор на Фондот од неговата последна седница на која било заклучено да се засили соработката со Министерството за финансии, односно со Управата за јавни приходи и да се интензивира контролата во фирмите кои не ги плаќаат придонесите. Ваквите мерки за засилени контролни механизми се во функција на подобрување на наплатата на придонесот и обезбедување поголем прилив во националната здравствена каса како и обезбедување здравствена заштита за сите кои се во работен однос. На седницата посебен акцент бил ставен и на зголемената потрошувачка на лекови и потрошен медицински материјал во здравствените установи и неопходноста од нивно усогласување со предвидените буџети. Пред членовите на Управниот одбор се најдоа и измените во Законот за здравствено осигурување, со кои се спречуваат злоупотребите во поглед на боледувањата, самоиницијативното лекување во странство, како и во приватните болнички институции со кои Фондот нема склучено договор. На барање на Клиниката за трауматологија беше донесена одлука со која дел од ортопедските помагала покрај лекарите ортопеди во иднина ќе може да препишуваат и трауматолозите. Ваквата корекција е во функција на пациентите кои досега мораа да “вртат” за да можат да го добијат помагалото кое им го препишал лекар. (Р.Н.)