Исламска држава користи модерни методи против забременување за да можат систематски да ги силуваат заробеничките според средновековните модели.

Затворена во една просторија во која единствениот мебел е кревет, една 16-годишна девојка научила да се плаши од квечерината, оти по зајдисонцето почнува одбројувањето до следното силување.

Таа цела година била заробеничка на ИД, поминувајќи ги деновите во страв и ужас од здивот на војникот на ИД, одвратните звуци што ги испуштал и болката што и ја нанесувал. Најмногу од се, умирала од страв дека би можела да забремени од нејзиниот силувач.

А тоа е единствената работа поради која не морала да стравува.

Веднаш откако ја купил, борецот на ИД на оваа тинејџерка и донел кутија во која имало четири ленти црвени таблети.

-Секој ден морав да испијам по една пред него. Ми даваше по една кутија месечно. Кога ќе ги испиев сите веднаш ми носеше нови. Кога бев продадена, од еден маж на друг, кутијата со таблети одеше заедно со мене, објаснува оваа девојка која неколку месеци подоцна дознала дека всушност користи контрацептивни таблети.

Станува збор за неверојатно модерно решение за средновековните методи, а “Њујорк тајмс” детално ги истражил.

Според едно опскурно правило од исламскиот закон, како што го толкува милитантната група Исламска држава, мажот мора да обезбедни неговите жени-робинки да бидат ослободени од детето пред да стапат во однос со него.

Лидерите на ИД применуваат сексуално ропство според методите за кои веруваат дека биле практикувани во времето на пророкот Мухамед. Во рамките на дејствувањето на оваа група спаѓа и изживувањето врз жените и девојките од малцинската заедница Јазиди кои ИД ги зароби пред две години.

За сексуалните робинки да функционираат, борците агресивно примениле контрола на раѓањето за нивните жртви непречено да можат да бидат подложени на злоставување и да можат да бидат разменувани меѓу борците.

Повеќе од триесет Јазидки кои неодамна успеаја да побегнат од ИД и кои се согласија да бидат интервјуирани за репортажата на “Њујорк тајмс” ги опишуваат бројните методи кои борците на ИД ги применуваат за да одбегнат нивните жртви да останат бремени, вклучувајќи контрацептивни инјекции, орална контрацепција, а понекогаш и двете заедно. Во најмалку еден случај жените биле принудени на абортус за да бидат достапни за секс.

Некои од нив раскажале дека точно знаеле кога ќе бидат продадени, тогаш кога ги возат во болница за да се провери да не се бремени. Резултатите во секој случај ги чекале со страв – ако се бремени значи дека носат дете од својот силувач, а ако не се значи дека ќе продолжат да бидат силувани.

Од над 700 жртви на силување помеѓу Јазидките кои поминале низ третман на клиниката на ОН на северот од Ирак, само 5 отсто од нив биле бремени за време на сексуалното ропство, вели др. Нагам Навзат, гинеколог кој работи во клиниката.

Тоа е зачудувачки ниска стапка имајќи ја предвид тортурата низ која поминале, смета докторот Незар Исмет Таиб, кој го раководи директоратот на Министерството за здравје во Дохук и ги надгледува клиниките во кои се третираат жртвите.

Една од заробените девојки, која се согласила да биде идентификувана како М., се однесува како дете и носи коса врзана во опашка. Вкупно била продавана седум пати. Кога идниот купувач ќе дошол да се распраша за неа, таа ги слушала како прашуваат дали е бремена, а нејзиниот сопственик како доказ дека не е изнесувал кутија со таблети за контрацепција.

Третиот купувач превентивно и дал инјекција, по што ја турнал на креветот и ја силувал.

Илјадници жени и девојки од заедницата на Јазидите се уште се во ропство на ИД, откако милитантите екстремисти ја зазедоа нивната прастара татковина на планината Синџар на 3 август 2014 година.

Оттогаш стотина од нив успеале да побегнал и сега живеат во шатори во низините, со часови далеку од нивните родни места.

Во официјалната публикација на ИД пишува дека е легално маж да силува жена и да ја држи во ропство под какви било околности. Дури и секс со дете е одобрен. Само забраната за силување бремени жени е единствената заштита за робинките.