Исто така, ќе се зголеми и користењето на нуклеарната енергија и на природниот гас, додека употребата на јаглен ќе се намали поради заштита на животната средина.

Анализата на американската енергетска компанија „Ексон Мобајл” насловена „Енергетска перспектива 2015: Поглед на 2040 година”, покажа дека растот на средната класа во земјите во развој ќе доведе до премин на горива со ниска емисија на штетни гасови.

Иако се очекува дека светската популација во 2040 година ќе порасне на бројка од девет милијарди од сегашните седум, побарувачката за енергенси и емисиите на штетните гасови веќе почнуваат да се намалуваат во развиените земји благодарение на зголемената ефикасност, соопшти „Ексон” и предупреди дека без ефикасност и развој на технологијата, вкупната побарувачка на енергенти може да скокне и за 140 отсто.

Во анализата, исто така, се наведува дека глобалната емисија на јаглерод диоксид настанат со користење на енергенсите од 2010 до 2030 година, ќе порасне за 25 отсто, а потоа ќе падне за околу пет проценти до 2040 година.

Иако тој раст на емисијата на јаглерод двооксид е висок, тоа ќе биде само половина од нејзиниот раст во периодот од 1980 до 2010 година.

Користењето на алтернативните извори на енергија, како што оценува „Ексон”, во иднина треба значително да се зголеми, при што капацитетот на соларната енергија од 2010 до 2040 година ќе се зголеми за околу 20 пати, а обемот на енергијата добиена од силата на ветерот за околу пет пати.

Проценките се дека производството на енергија од нуклеарните електрани ќе порасне за околу 90 отсто, во што први ќе бидат Индија и Кина.

Од природниот гас во 2040 година ќе се добива 135 отсто повеќе електрична енергија отколку во 2010 година, со што тој енергенс ќе го замени јагленот како најголем извор на електрична енергија, смета „Ексон”.

Според прогнозите на американската компанија, уделот на јагленот во производството на електрична енергија до 2040 година ќе падне на околу 25 отсто од актуелните 40 отсто, бидејќи повеќето земји во светот ќе преминат на еколошки горива, за да го подобрат квалитетот на воздухот и да ја ограничат емисијата на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.