Македонските компании искористиле половина од евтината кредитна линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ). Од јули, кога беше ставена на располагање, поддржани се 187 проекти во вредност од 49.996.332 евра.
Како што велат Македонска банка за поддршка на развојот, во постапка на одобрување се нови 23 проекти во износ од 10 милиони, кои ќе се обезбедат со повлекување на нова петта транша од кредитната линија од 100 милиони евра што ја обезбеди Владата од ЕИБ. Новата транша се очекува да биде повлечена до крајот на наредниот месец. Од одобрените кредит, најголемиот дел или 40% се за производствени компании, за трговија 32%, 11% се во секторот услуги, четири за транспорт и 3% се кредити за хотели.
Со реализација на досегашните четири транши од оваа трета кредитна линија од ЕИБ се отворени 1.314 работни места.
Средствата се достапни по субвенционирана камата од 5,5% и рок на отплата од 8 години со грејс-период од 2 години. Седумдесет проценти од кредитната линија се за малото стопанството, а 30% за големите компании. Малите и средните претпријатија може да ги користат за обртни средства и за инвестиции, а големите компании може да аплицираат за проекти од областа на животната средина, претприемништвото и иновации, енергетика, инфраструктура, индустрија и други услужни дејности. Кредитите од 10.000 до 3,5 милиони евра ќе се одобруваат со рок на отплата осум години грејс-период од 2 години, а кредитите со износ од 5.000 до 667.000 евра со рок на отплата до 3 години со грејс период од 6 месеци.
Со претходните две кредитни линии од 150 милиони евра беа поддржани 712 проекти на мали и средни претпријатија кои отворија 3.150 нови работни места. Поддршка добија производни и извозни компании.