Велика Британија би можела наскоро да го ослободи иранскиот танкер за нафта „Грејс 1“, откако Техеран и Лондон разменија документи што би можеле да го олеснат ослободувањето на заробениот брод, изјави заменик-шефот на иранската пристанишна и поморска организација, Џалил Еслами, пренесува ИРНА.

„Велика Британија е заинтересирана да го ослободи иранскиот танкер за нафта „Грејс 1“ по размената на некои документи, па се надеваме дека ослободувањето ќе се случи наскоро. Танкерот беше запленет врз основа на лажни обвиненија и сè уште не е ослободен“, рече Еслами.

Велика Британија досега не даде коментар за изјавата на Иран за размената на документи. Во меѓувреме, портпаролот на Гибралтар рече дека територијата ќе продолжи со напорите за деескалација по законската заплена на супертанкерот „Грејс 1“.
Покрај тоа, иранската новинска агенција „Фарс“ ги цитираше властите на Гибралтар кои велат дека „Грејс 1“ ќе биде ослободен до вечер.

Иранскиот супертанкер што превезува нафта беше запленет на Гибралтар на 4 јули од страна на властите на Гибралтрар поддржани од британските кралски маринци. Властите наведоа повреда на санкциите на ЕУ против Дамаск како причина за запленувањето. Техеран ги негираше тврдењата и истакна дека Велика Британија ја загрозила поморската безбедност со своите активности во Гибралтар.

Тензиите дополнително се зголемија откако британски танкер беше запленет од Исламската револуционерна гарда на 19 јули. Техеран рече дека бродот го прекршил поморското законодавство игнорирајќи ги предупредувањата од војската, го исклучил уредот за позиционирање и се судрил со ирански рибарски брод.

извор: Makfax