Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусави, жестоко ги критикуваше заканите на САД за убиство на новоназначениот шеф на елитните сили „Ал Кудс “ на Исламската револуционерна гарда, Есмаил Гајани, како официјална и бесрамна најава на таргетиран и државен тероризам, пренесува „Спутник“.

„Сега, по ционистичкиот режим на Израел, САД е вториот режим кој официјално објави дека ги користел ресурсите на својата влада и вооружените сили за терористички акти и дека ќе ги продолжи и во иднина“, објасни Мусави, додавајќи дека прибегнувањето на Вашингтон кон терористички акти е јасен знак за слабоста, очајот и конфузијата на американскиот естаблишмент.

Мусави ги осуди безобразните коментари и терористичките акти на американските лидери, повикувајќи ја и меѓународната заедница да ги осуди затоа што продолжувањето на овој тренд, порано или подоцна, ќе биде лошо за сите.

Коментарите доаѓаат како реакција на изјавата во четвртокот на американскиот специјален претставник за Иран ,Брајан Хук, дека генералот Есмаил Гајани би можел да заврши како својот претходник, генерал Касем Солејмани, кој беше убиен во напад на беспилотни летала на САД во близина на аеродромот во Багдад на 3 јануари.

Хук ја изрази заканата во интервју за весникот „Ашарк ал Авсат“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Атентатот на Сулејмани доведе до нова, поинтензивна рунда тензии меѓу Иран и САД, при што Техеран изврши ракетен напад врз бази на САД и повреди 11 војници. Двете страни, пак, посочија дека нема воена конфронтација во план.

Во обраќањето до иранскиот врховен лидер, ајатолахот Каменеи, на 9 јануари, генералот Гајани, кој беше најавен како наследник на Сулејмани, вети дека ќе го продолжи патот на поранешниот командант „со моќ“. Тој сигнализираше дека крајната цел е целосно да ги исфрлат американските трупи од Блискиот Исток.

извор: Makfax