Иранската морнарица од март ќе започне мисија за распоредување воени бродови во западниот дел на Атлантскиот океан, објави денеска еден од иранските команданти.

Исламската Република сака да го зголеми оперативниот опсег на своите поморски сили во двориштето на најголемиот непријател, Соединетите Американски Држави, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Присуството на американски носачи на авиони во Персискиот Залив претставува безбедносен проблем за Иран, чија морнарица се обидува да се спротивстави со испраќање на бродови со ирански знамиња во близина на американските територијални води, објави агенцијата.

Заменик командантот на иранската морнарица, адмиралот Турад Хасани, изјави дека флотата ќе се упати кон Атлантикот на почетокот на иранската Нова Година, која се паѓа во март, како и дека за пристигнување до крајната дестинација на бродовите најверојатно ќе им бидат потребни околу пет месеци.

извор: Makfax