Информатичко министерство до крајот на годинава
Владата има стратегија за развој на информатичко општество. До крајот на идната година, Владата ќе донесе закон за информатичко општество, а најверојатно до крајот на годинава ќе се формира и Министерство за информатички технологии.
– Предлогот е веќе во собраниска процедура – истакна вчера министерот за транспорт Миле Јанакиески на отворањето на втората регионална конференција Е-општество.
Владата има намера да го зголеми интересот за користење на интернетот, бидејќи во моментов само пет проценти од населението во земјава редовно има пристап на интернет, а околу 60 проценти поседуваат компјутери.
Интересот ќе се зголеми преку инвестирање во стручен кадар и спроведување масовна обука на населението за работа со компјутери, како и преку обезбедување на бесплатни компјутери за училиштата, од кои дел ќе бидат наменети за граѓаните.
В.д. раководителката на мисијата на ОБСЕ во земјава, Наталија Дрозд го истакна значењето на информатичката технологија и рече дека тоа на граѓаните им овозможува пристап до државните институции и увид во нивната работа, со што ќе се зголеми довербата кон Владата.
(С. Бл.)