Министерството за локална самоуправа и Македонски телекомуникации вчера потпишаа Меморандум за соработка со кој “Телеком” во рок од една година ќе донира информатичка опрема за 84 општини и градот Скопје. Станува збор за донација во вредност од 120 000 евра, а се состои од два пакета, од кои првиот е наменет за 46 општини кои ќе добијат по еден компјутер и ќе имаат можност за инсталација на АДСЛ-линија (супер брз Интернет). Вториот пакет се однесува за останатите 39 општини и со него не е предвиден пристап на Интернет.
Заменик-министерката за локална самоуправа, Тања Алтанџиева по потпишувањето на Меморандумот ја истакна важноста на донацијата за која рече дека значи воспоставување и развој на локална мрежа на електронска комуникација меѓу општините, а ќе овозможи и градење на систем на отвореност кон граѓаните.
“Македонски телекомуникации” од почетоков на годинава донираа информатичка опрема и за училиштата, а според главниот извршен директор Атила Сендреј ваква опрема наскоро ќе биде донирана и за шеесетина здравствени домови и медицински центри во Македонија. Токму за развој на информатичкото општество во земјава, од Телеком за оваа и наредната година се предвидени 800. 000 евра. (С. Бл.)