Институт со пет македонски ѕвезди
– Веќе 40 години ИЗИИС реализира една витална мисија која води кон намалување на последиците од катастрофи поврзани со земјотресите. Токму затоа, Обединетите нации се горди што придонесоа во формирањето и растот на овој Институт во кој многу експерти од земјотресното инженерство добиле вредна обука”, рече на прославата на 40-годишнината од формирањето на ИЗИИС, Салвано Брицено – директор на Секретаријатот на меѓународната стратегија за намалување на катастрофи, кој ја пренесе пораката на генералниот секретар на ОН, Кофи Анан упатена до учесниците на конференцијата “Земјотресно инженерство во 21 век”.
Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија немаше да има контуниран напредок, ако во него не работеше квалитетен кадар, научници и експерти кои ги имаше секогаш на местото на катастрофите предизвикано од земјотресите, почнувајќи од скопскиот во далечната 1963 година, па се до измирскиот пред неколку години, истакна директорот на овој институт, Михаил Гаревски, кој е посебно горд на платформата за симулација на земјотреси што ја поседува ИЗИИС и која до неодамна беше најголемата во Европа.
Во изминатите четири децении, на постдипломски студии се запишале 399 студенти од земјава и странство. Од нив 133 магистрирале, а 32 се здобиле со звање – доктор по технички науки. Со ова темпо ќе се продолжи и во иднина, со цел да се провлечат студенти и од САД, Британија и Јапонија кои се водечките земји во земјотресното инженерство. Со право може да се каже дека ИЗИИС е институт со пет македонски ѕвезди, рече професорот Гаревски, кој најави дека Скопје наредната година ќе се кандидира за домаќин на европската конференција по земјотресно инженерство што треба да се одржи 2010 година. (С. Бл.)