Инспекторка од УЈП во даночна пирамида
Управата за јавни приходи вчера суспендира, а деновиве ќе поднесе и кривична пријава против свој советник-инспектор во Одделението за инспекциски надзор – Регионална дирекција Скопје, поради даночно затајување.
Од Министерството за финансии велат дека таа во својство на советник -инспектор несовесно и незаконски ја извршувала службената должност, вршејќи дејства што се неспоиви со работата на органот за јавни приходи. Поточно, според наодите на надлежните институции вклучени во откривањето на актерите на даночната пирамида, инспекторката се јавува како основач и управител на даночниот обврзник “Веми инженеринг” од Скопје, а постои и основано сомнение дека била и неовластен потписник на дел од поднесените аконтативни даночни пријави и од даночните обврзници “Голди Зоран” од Куманово, “Голди” и “СБ инг” од Скопје, каде што како основачи и управители се јавуваат нејзиниот сопруг, ќерка и мајка.
Инспекторката затаила и данок во износ од 17.339.107 денари. Затајувањето го направила во соработка со други лица и даночни обврзници, вмешани во веќе разоткриени даночни затајувања. Деталите околу овој случај, како и идентитетот на инспекторката, засега не го соопштуваат, наводно за да не се попречи натамошната истрага. Дознаваме од официјални извори дека се работи за кумановка, која над 20 години работи како инспектор воУЈП. (В.М.Б.)