Државниот инспекторат за животна средина изврши вонреден надзор врз „САНС-АГ“ увоз-извоз ДООЕЛ ШТИП на 17 декември, по преставка на Министерството за одбрана за да се утврди влијанието врз лицата што престојуваат во воените објекти: стрелиште Пенуш и полигон Криволак. Ова е нивна втора преставка. Првата била поднесена на 30 септемри, но никој не презел ништо, ниту информацијата била пренесена до новата вд директорка Ана Петровска, соопшти Инспекторатот.

Локацијата на објектот се наоѓа во атарот на градот Штип, во поранешна вoена база на КФОР, на оддалеченост од 8,5 километри од центарот на градот и 2 километри од селото Пенуш. На надзорот беше констатирано дека не се применуваат одредбите утврдени со Б интегрираната дозвола број УП I бр.18/17-136 во ниеден аспект од технолошкиот процес, видот на постројката или начинот на складирање на суровините и готовиот производ.
Со дозволата се предвидува отпадна гума и пластика да се горат во затворен процес со пиролиза на 450-550оС, при што доаѓа до хемиско раложување и добивање течна фракција – нафта и цврст остаток, а не се врши емисија во воздухот, поради применет систем за ладење (базен и ладилна кула). Била предвидена постројка што спаѓа во најдобри достапни техники, со систем за автоматска декомпресија, автоматско празнење на талог и безопасни и незагадувачки продукти.

„При надзорот беше утврдено дека инсталацијата не е целосно изведена, процесот не е затворен, а емисиите од согорувањето на гуми и пластика слободно се испуштаат во атмосферата. При такви процеси вообичаено се испуштаат канцерогени гасови (фурани и диоксини), кои делуваат на повеќе органи и предизвикуваат трајни последици.
На локацијата беше видливо дека складирањето на готовиот производ и суровините не се врши на соодветен начин. Течното гориво добиено од горење на гумите се чуваше во цистерни на пелети, наместо да се чува на водонепропусна подлога, што истовремено ќе обезбеди доволен волумен за собирање на потенцијално излеана течност. Пепел од согорувањето, што потенцијално содржи токсични материи, беше собран во џамбо вреќи и складиран на земја во локацијата. Управиителот на објектот информираше дека локацијата на која се врши складирањето на суровини и отпад е во процес на легализација. Поради сите утврдени пропусти, Државниот инспекторат за животна средина даде Предлог до општина Штип за одземање на Б интегрирана дозвола на погонот за горење гуми и пластика „САНС-АГ“ увоз-извоз ДООЕЛ ШТИП“, се вели во соопштението.

извор: Makfax