Се чини, немаат крај љубовните маки на некогаш првиот центарфор на Милан, 32-годишниот Филипо “СуперПипо” Инзаги, кој се помалку игра фудбал, а се повеќе брка жени. (Срам да му е)! И тоа, се, која од која поубава, пославна. Но, што да прави човекот, кој ете, наполнил 32 години (во август, за волја на вистината), а се уште нема семејство. Тој, самиот, уште пред две години, кога италијанските новинари го “чепкаа” за неговата слабост кон убавиците, изјави дека “е во потрага по жената на својот живот и дека ќе продолжи да ја бара се додека не ја пронајде вистинската”. Да потсетиме дека овој латински заводник се забавуваше со Саманта де Гренет, Стефаниа Орландо, Илариа д’Амико, Ева Хенгер, актуелни италијански актерки и манекенки, а пред еден месец и се доворуваше на ќерката на Настасја Кински, Соња. Двајцата беа видени како излегуваат од познатиот милански ресторан “Олд Пиг”, а пред неколку дена, на истото место, Пипо вечерал со прекрасната бразилска танчерка и фотомоделка, 26- годишната Магда Гомеш. Дали мома Магда ќе успее да добие “преодна оценка” кај “професорот Пипо”, останува да видиме. Кога сме веќе кај неа, да кажеме дека девојката зборува четири јазици, а моментно е главна ѕвезда во шоу-емисијата на Пјеро Кјамбрети, “Маркет”.