Додека се чека финишот на влезот на холандската ИНГ во “Поштенска банка” – Скопје, што , како што дознаваме ќе се случи во април годинава, овој реномиран светски финансиски бренд веќе влезе во Македонија. Деновиве менаџерскиот тим на Македонска банка за поддршка на развојот (МБПР) склучи договор за реосигурување на извозот за македонските компании со три светски бренда. Се работи за Атрадиус Ре ЛТД, осигурителна куќа со седиште во Даблин, Ирска, која е втора во светот во оваа област, веднаш по познатиот бренд Хермес, и која покрива 25 отсто од реосигурувањето во светот. Оснивачите на Атрадиус Ре се швајцарската Свис РЕ и германската Дојче Банк. Договор е потпишан и со Национал Борг, реномирана осигурителна и реосигурителна компанија, чиј оснивач е токму холандската групација ИНГ. Реосигурувањето на македонските извозници ќе го гарантира и Ингострах, кој е инаку, најголема осигурителна куќа во Руската Федерација, каде повеќе државни фирми се оснивачи. Во моментов, велат наши извори, токму Ингострах е во преговори со повеќе меѓународни банки и институции за нејзина приватизација.
“Договорот е направен со цел да се обезбеди полесен пристап на нашите извозници на светскиот пазар, како и полесно нивно изедначување со другите извозници од конкурентските земји, вели Воислав Бислимовски, прв генерален директор на МБПР. Тој потенцира дека оваа наша државна банка ќе ги осигурува сите извозни зделки на заинтересираните македонски компании, а за тоа дека пласираната стока ќе може стопроцентно да ја наплатат, ќе гарантираат и трите реномирани светски брендови.


Весна М. БОЖИНОВСКА