Бордот на директорите на холандската групација ИНГ, на завчерашната седница донесе одлука да ја купи Поштенска банка-Скопје. Ова го дознава “Вечер” од официјални извори кои велат дека со ова се потврдува сериозноста на холандскиот партнер за влез во македонскиот банкарски систем.
Од вчера велат наши извори ИНГ ја започна постапката пред нивната Централна банка за добивање согласност за купување акции во банка во Македонија, а потоа ваква согласност ќе се побара и од нашата Народна банка.
Потпишувањето на договорот за купување на Поштенска, како што е планирано најверојатно ќе се случи на 12 идниот месец до кога се планира да финишираат сите активности врзани за добивање на потребните согласности. Наши извори велат дека дефинитивно е договорено ИНГ да купи 66,66 отсто од акциите на Поштенска банка кои од летово се во сопственост на “Еуростандард банка”-Скопје како и да инвестираат во најсовремена технологија на шалтерите на Македонска пошта.
Инаку, од високи извори дознаваме дека претставници на ИНГ се во Македонија и дека деновиве тие водат интензивни разговори со менаџментот на Македонска пошта бидејќи се заинтересирани за влез и во ова наше Јавно претпријатие.


Весна М. БОЖИНОВСКА