Инвест банка чека нов акционер
Инвест банка-Скопје деновиве очекува да добие одговор дали Српската агенција за санација на банки ќе и ги продаде 16 отсто од акциите на постојните македонски акционери. Инвест банка-Белград, која пред две-три години отиде во стечај, остана сопственик на 16 отсто од акциите во Инвест- банка-Скопје, која инаку, во некогашна СФРЈ беше деловница на оваа Банка од Белград. Во стечајот нејзините акции ги зема на управување Агенција за санација на банки на Србија, која најави отворена продажба и ослободување од овој пакет акции на заинтересирани инвеститори. Според високи извори од Инвест банка-Скопје, како најзаинтересирани, за овој атрактивен “колач” во Банката, која работи исклучително успешно, се пријавиле постојните акционери на Инвест банка-Скопје. Тие упатиле писмо со понуда до Агенцијата за санација на банки на Србија, во кое изразиле мислење дека треба да имаат приоритет во купувањето на овие акции. Деновиве, во Инвест банка се во очекување на повратен одговор од Србија и евентуално позитивно решение. Во секој случај, за овој значителен малцински пакет, одобрение сепак треба да издаде Народната банка на Македонија, која согласно законските процедури за купување на над пет отсто од акциите во која било од нашите банки, одлучува дали или не, ќе ја даде согласноста. Инаку, во последните десетина дена е забележано малку поинтензивно тргување со акциите на Инвест банка-Скопје. Сепак во последната измината недела се продадени 47 акции, кои се само “пипање” на пулсот на пазарот. За да се добие целиот српски пакет акции од 16 отсто од капиталот на банката треба да се продадат над 35.000 акции, велат банкарските извори, а за потенцијалниот купувач, домашна или странска банка, согласност треба да даде гувернерот Гошев.
Весна М. БОЖИНОВСКА