Активностите за реализација на инвестицијата на индискиот милијардер Субрата Рој во Македонија се одвиваат според утврдената динамика и последните случувања околу обврските што ги имала компанијата “Сахара Паривар” во Индија не ја попречуваат. Рој ги исплатил обврските кои ги побаруваше Индиското регулаторно тело – СЕБИ и како што соопшти компанијата сите домашни и меѓународни проекти продолжуваат без какви било последици. Македонските владини институции се во постојан контакт со претставници на компанијата и со него лично.
– Во изминативе десетина дена бевме во постојан контакт со највисоките претставници на Сахара. Од таму ни беше потврдено дека нивниот интерес и активности поврзани со проектите во Македонија на никој начин не се афектирани и работата продолжува непречено. Оваа нивна определба за сите домашни и меѓународни проекти е истакната и во официјалното соопштение објавено од страна на Сахара – изјави директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо кој рече дека со Субрата Рој се слушнал и лично на телефон оваа недела.

Тој додаде дека присуството на претставници на компанијата во Македонија се одвива според претходно договорениот план и динамика и оти нивната работа е пред се насочена кон анализата на сите потенцијални проекти од различни сфери на интерес и средби со претставниците на релевантните државни институции.
– Сите овие случувања се непродуктивни, апсолутно непотребни и залудни. Исто така, за жалење е што без каква било вина на Сахара, компанијата непотребно се соочува со директни и индиректни штети по угледот и во материјална смисла. Сите овие случувања произлегуваат поради одмазда која може да влијае и врз еден милион работници на “Сахара Индија Паривар” која има максимално придонесено за оживување на стопанството по индиската железница. Ниту еднаш не задоцнила со плаќања во изминатите 34 години, секогаш 25% од профитот го наменувала за социјални цели, 40% за работниците, а 35% од профитот останувал во компанијата, покажала квалитетен раст – стои во соопштението од “Сахара груп”.

“Сахара груп” ги уверува нивните бизнис партнери и соработници дека се работи на нивните проекти, домашни и меѓународни, и оти продолжуваат без какви било последици. По тој повод Субрата Рој вчера во Мумбај оствари средбата со премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон на која му ги претстави двете иницијативи за Сахара тинк-тенк” и Индија Центар”. Сахара тинк-тенк” иницијативата се планира да обезбеди платформа преку добро структуриран тим на млади професионалци од Велика Британија, со цел да се приклучат на уникатните бизнис-можности. Сахара Индија Паривар”, исто така најави формирање на “Индија Центар” кое ќе биде заедничко вложување, партнерство со Универзитетот Источен Лондон. “Индија Центарот” се планира да се протега на 4 хектари и да биде уникатен објект за студенти од светска класа кој ќе студираат на Универзитетот Источен Лондон.

Дејвид Камерон смета дека ова ќе биде единствен потфат во светот меѓу корпорација и еден универзитет. Универзитетот веќе се здоби со потребните 4 хектари земјиште за Центарот.