Македонија мора да ја зголеми трговската размена со странство, особено извозот, за да се намали разликата во економскиот раст што го имаат земјите од Европската Унија. Со трговскиот дефицит од 1,18 милијарди долари, за кој вчера пишуваше “Вечер”, нашата економија е далеку од таа на земјите во Унијата. Словенечки и унгарски експерти на вчерашната работилница на која се прикажуваа искуствата од нивното приближување кон ЕУ ни порачаа дека е потребно да се зголемат директните странски и “гринфилд” инвестиции за да се подобри конкурентноста на производите. Унгарија предупредува дека процесот на приближување кон ЕУ е долг и тежок и затоа е потребно единство.
“На граѓаните треба да им се објасни зошто се потребни промени во економијата. Унгарија на почетокот на 80-тите години од минатиот век беше аграрна земја, со многу мал извоз. Работите се променија откако во земјата влегоа директни инвестиции. По влезот на мултинационални компании, сега Унгарија извезува околу 70 проценти висококвалитетни производи. Македонија која 45 проценти од трговската размена ја има со ЕУ, не треба да ги заборави традиционалните пазари во регионот”, истакна Чаба Залаи, раководител на одделот за ЕУ координација на премиерот на Унгарија. Тој ни порача да подготвиме долгорочна анализа за економскиот развој на земјата и по влегувањето во ЕУ.
Професорот на Економскиот факултет од Љубљана, Андреј Кумар, рече дека Македонија мора веднаш да ја промени политиката во надворешната трговија и полека да се прилагодува кон правилата што важат во ЕУ. Според него, со влезот во ЕУ ќе се подобри трговската размена.
“Државата поскоро да се ослободи од својот капитал во компаниите. Со тоа тие ќе станат поконкурентни”, порача Кумар . Од осамостојувањето до денес приливот на странски директни инвестиции изнесува 1,321 милијарда долари. Тоа се инвестиции во телекомуникациите, енергетиката, банките, прехранбената и металопреработувачката индустрија. Саша Андоновски, заменик-министер за економија, вели дека овие инвестиции не се доволни и се работи на создавање поволна клима за инвеститорите. Ирена Кикеркова од Економскиот факултет во Скопје истакна дека со проближувањето кон ЕУ, заедничката надворешна трговска политика на Унијата ќе станува се поголема реалност за нас. “Во 2011 година сите видливи надворешно-трговски бариери во нашата земја ќе паднат и увозот од ЕУ ќе доаѓа слободно. Македонскиот пазар ќе мора да го издржи влезот во ЕУ, а за да се направи тоа сите владини тела треба многу повеќе да соработуваат со индустријата. Владата мора да мисли како ќе се користат предпристапните фондови на Унијата и да се подготви за целосната либерализација, бидејќи увозот што ќе доаѓа од странство целосно ќе ги поплави нашите пазари и нашите фирми нема да ја издржат конкуренцијата”, истакна Кикеркова.


Контрола на сопствениот извоз
Од први јануари 2007 година Македонија е должна да врши контрола на извозот и два дена однапред електронски да ја испрати извозната документација до царинските служби на земјата која увезува. Ако документацијата не се проследи уредно камионите ќе се враќаат од границата. Професорката Ирена Кикеркова вели дека фирмите треба да исполнат одредени стандарди, како што се посебен систем на обезбедување, ако сакаат да соработуваа со земјите од ЕУ.


“Џонсон Контролс” повлече нога
Слободната економска зона “Бунарџик” станува атрактивна за странските инвеститори. По потпишувањето на меморандумот за соработка со “Џонсон Контролс”, уште една реномирана странска компанија е заинтересирана да инвестира во зоната. Владата засега не соопштува која е компанијата. Инаку, интересот за вложување во “Бунарџик” се зголеми откако Македонија доби кандидатски статус.


Светлана БЛАЖЕВСКА