Според објавената биографија на кандидатката за министер за финансии, Нина Ангеловска, таа има навистина импресивно образование.

Средното образование го стекнува во гимназијата Раде Јовчевски – Корчагин. Во 2010 година дипломира на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Економски факултет на департманот Е-Бизнис како најдобар студент на генерацијата и со постигнат успех од 9,94. Воедно ја добива Манинговата награда за најдобар студент на полето на економски науки.

За време на студирањето Нина e ангажирана како демонстратор на Економскиот Факултет по предметите: Математика за бизнис, Статистика за бизнис и Веб Дизајн, а воедно зема учество на повеќе национални и меѓународни натпревари. Од меѓународни натпревари најзначаен е Balkan Case Challenge во Виена, поддржан од WUS Austria, каде Нина освојува 3то место, додека од националните најуспешна е на натпреварот за најиновативен бизнис план организиран од Националниот центар за развој на иновации и претприемништво каде освојува прво место, а со тоа и почетен капитал за реализација на нејзината бизнис идеја.

Во исто време Нина продолжува со образованието на Економскиот факултет Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и во 2012 година се стекнува со звање Магистер на економски науки во областа на е-бизнис менаџмент. Во 2013 година таа ги започнува докторските студии и во 2016 година се стекнува со научен назив Доктор на науки по организациски науки и управување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.