Одборот на доверители на МХК “Злетово” одлучи да објави нов тендер за продажба на Топилницата и тоа под истите услови – за 7,6 милиони евра, а пријавувањето на заинтересираните ќе се врши до 18 ноември годинава. Според стечајниот управник Владислав Тамбурковски, за претходниот тендер документација подигнале “Митал груп” од Лондон и адвокатската фирма “Прес” од Скопје како застапник на германски конзорциум, кои побарале тендерот да биде продолжен за 15 дена. Бидејќи одборот на доверители нема право да го продолжува тендерот решено е да се објави нов.
Продажбата на големиот металуршки гигант од Велес почна со 13,5 милиони евра на првиот тендер при што фабриката е исчистена од побараувања и без обврски кон вработените. На трите претходни тендери цената на комбинатот се намали на 7,6 милиони евра. Во претходните три обиди само еднаш пристигна понуда од канадска фирма, но таа беше нецелосна и без уплата на котизацијата. Рускиот бизнисмен Павел Малиновски повеќепати јавно покажуваше интерес да ја купи Топилницата, но ниту еднаш не достави понуда. Во меѓувреме, Врховниот суд го отфрли барањето поднесено од поранешниот сопственик “Инвестас”, за ревизија на преносот на МХК “Злетово” со што имотот конечно е во сопственост на Комбинатот. (Р.Т.)