Снимањето на дебитантското долгометражно остварување, проектот “Жртва” на Марија Џиџева, а по сценарио на Огнен Георгиевски е во полн ек, а на клапа од филмот во текот на вчерашниот ден присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Станува збор за копродукциски проект меѓу Македонија (Смалл Мовес) и Србија (Биберче Продакшнс), поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, а согласно Програмата за финансирање филмски проекти од национален интерес за 2015 година.

Ова е прво долгометражно остварување на режисерката Џиџева, која има реализирано огромен број документарни и кратки филмови. Со нејзините остварувања има огромни успеси, и за неа и за Република Македонија”, истакна министерката Канческа-Милевска и потсети дека „Жртва” е трет филм што се снима годинава во Македонија, по „Ах, љубов моја” на Коле Ангеловски и „Слобода или смрт” на Владимир Блажевски.

“Во изминатите години во филмската дејност се остварија големи резултати. Заложбите на Владата токму во оваа дејност се потврдуваат со огромен број факти. Оваа година се планира да се завршат 24 филмови, 9 долгометражни играни, 11 документарни и четири кратки филмови. Годинава фестивалот „Браќа Манаки” ќе се отвори и затвори со македонски филм, што говори за силната поддршка што ја дава Владата во филмската индустрија и за залагањата на Агенцијата за филм во нивната поддршка на македонската кинематографија”, додаде Канческа-Милевска и истакна дека годинава Агенцијата за филм ќе има можност да одлучува од четири македонски филмови и да номинира еден филм за „Оскар”.

Инаку, во периодот од 2008 до 2015 година преку Агенцијата за филм поддржани се 223 филмски проекти. Од нив 72 се долгометражни играни филмови за кои е обезбедена поддршка од 25,9 милиони евра, 67 се документарни филмови, 65 краткометражни играни и 19 анимирани филмови.

Во „Жртва” една од главните улоги ја толкува српската актерка Мирјана Карановиќ, а играат и македонските актери Данчо Чеврески, Наталија Теодосиевска, Дениз Абдула, Димитар Георгиевски, Даниела Ивановска, Петар Ѓорѓиевски и Димитар Илиевски. Сценарист на филмот е Огнен Георгиевски, а директор на фотографија е Дејан Димески. „Жртва” досега има добиено поддршка и од Филмскиот центар во Србија, а аплицирал и за поддршка од европскиот фонд Еуримаж.

Станува збор за филмски проект од жанрот драма, која се случува за време на воениот конфликт во Македонија.

Актерката Карановиќ истакна дека игра улога која не и непозната, односно жена од Балканот. Се работи за приказна за три семејства и додаде дека непокажувањето слабост и емоции е многу присутно, од генерации во генерации.

Режисерката Џиџева, пак, нагласи дека работи со прекрасна екипа и упати благодарност за поддршката до Министерството за култура и Агенцијата за филм.

Станува збор за три жени, кои се на различна возраст – 30, 40 и 50 години, кои живеат во една иста зграда. Во еден одреден момент им се случуваат некои внатрешни превирања, немири, а во исто време се случува и нешто во нашата земја Македонија. Филмот се случува во 2001 година, рече Џиџева, според која, секоја од женските ликови успева да се избори на свој начин со себе си и да го продолжи животот. Премиерата на филмот е предвидена за следната година.

Инаку, Џиџева досега се јавува како автор на кратки играни и документарни филмови, прикажани и наградени на повеќе филмски фестивали меѓу кои “Mис Амнезија”, „Списокот на Тони Манџа”,„Ти си жива”, како и „Барајќи си ја среќата”, „Некои други приказни” и „Погледни го животот низ моите очи” кои се поддржани од Агенцијата за филм на Република Македонија. Со нејзин потпис се и двата документарни филмови од серијалот „Сведоци”-Европа и Сведоци – Австралија кои се во рамките на проектот на Владата на РМ за „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видео материјали и разговори со Македонците протерани од Егејска Македонија во 20 век”.

Приказна во која се испреплетуваат судбините

Во приказната се преплетуваат три судбини на три карактери, кои поради серија на индиректно поврзани настани се приморани самите да се жртвуваат или да жртвуваат некого за нивната цел.
Така, животите на Сандра (анестезиолог, кој тоне во психозата индуцирана од конфликтот), Илија (војник, кој се прашува дали неговата жртва навистина и помогнала на неговата тактовина) и Кирил (чиј син е случајна жртва на хулигани), се преплетуваат во климакс, во кој само публиката е сведок на нивните меѓусебни влијанија. Иако навидум политички ангажирана и мрачна, „Жртва” се фокусира на меѓучовечките однос во крајно нехумани услови со цел да го пронајде и потенција она што е најсветото во нас – љубовта и надежта.

Биографија на Мирјана Карановиќ

Мирјана Карановиќ е родена во Белград на 28 јануари 1957 година. Глума дипломирала 1984 г. на Факултетот за драмски уметности во Белград. На филм дебитирала 1980 г. Со главна улога во филмот на Срѓан Карановиќ, „Петријниот венец”, а светска слава стекнала со улогата на мајка во филмот на Емир Кустурица „ Татко на службен пат”. Таа е препознатлива по голем број на легендарни филмови од територијата на поранешна Југославија, меѓу кои и филмот „Грбавица” на Јасмила Жбаниќ, инаку добитник е и на Златна мечка на Берлинскиот фестивал. Во меѓувреме, зема учество и во проекти како „Буре барут” на Горан Паскаљевиќ, „Јагода во супермаркетот” на Душан Милиќ, „Андерграунд” на Кустурица, „Сведоци” на Винко Брешан (со што беше првата српска актерка која глуми во хрватски филм после војната), како и во филмовите на дел од најголемите југословенски и српски режисери (Горан Марковиќ, Лордан Зафрановиќ, Боро Драшковиќ, Жика Павловиќ, Вељко Булаиќ). Позната е и по бројни улоги остварени на телевизија (серијата „Ќе се вратат штрковите”) и во театар. Критичарите ја нарекуваат најголемата балканска актерка на сите времиња и често ја споредуваат со Мерил Стрип. Професорка е по глума на Српската академија на уметностите.