Голем број на луѓе во југоисточна Азија денеска го набљудуваа прстенестото затемнување на сонцето, познато и како „огнен прстен“.

Ова затемнување, за време на кое е видлив тенок надворешен прстен од сонцето, може да се види од Индија и Пакистан до Тајланд и Индонезија, објави АП.

Како што пренесуваат светските агенции, до овој феномен доаѓа бидејќи месечината не е доволно блиску до Земјата за целосно да го прикрие сонцето.

Властите во Индонезија обезбедија телескопи и стотици специјални очила за заштита на очите на гледачите.

Илјадници луѓе гледаа кон небото и аплаудираа додека сонцето повеќе од две минути изгледаше како мрачен круг, а стотици луѓе беа на молитви во блиските џамии.

Претходното прстенесто затемнување на сонцето се случи во 2017 година и исто така можеше да се види и во Индонезија.

 

извор: Makfax