Пациентите од “Железара” ќе стапат во штрајк, односно нема да се вклучат на дијализа доколку во рок од еден ден не се донесат новите апарати од “Чаир”. Ваквото предупредување како соопштение за јавноста, потпишано од 97 пацинети, вчера е упатено до Министерството за здравство. Ултимативно барање го прокоментираа со ” сега ние правиме неквалитетни дијализи, односно се дијализираме колку да се каже”.
“Доколку не сте во состојба да го решите овој проблем, бараме Ваша оставка”, му порачуваат пациентите од “Железара” на министерот Димов и го потсетуваат на неговите неисполнети ветувања за дефинитивно решавање на проблемот со дијализата во Скопје. Тие бараат во овој центар за дијализа да се префрлат поголемиот дел од новите апарати, кои во моментов се во одделот во “Чаир” што почна да се реновира откако минатата недела падна дел од таванот. Според нивните наводи, најголемиот дел од апаратите во “Железара” биле дотраени и секојдневно се расипувале по најмалку пет. Состојбата станала многу поалармантна откако таму привремено се префрлени дел од пациентите од “Чаир” (по привременото затворање на одделот) и кога принудно е воведена трета смена. “Го молиме Хелсиншкиот комитет за човекови права да се заземе за нашите животи, бидејќи тука се работи за живот или смрт,” апелираат пациентите од “Железара”.