Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој неколкупати тврдеше дека врз основа на точка 7 од Преспанскиот договор со Грција, Бугарија ќе бара откажување од македонскиот идентитет и јазик, вечерва доби потврда од копретседателот на македонско-бугарската мешовита комисија Драги Ѓорѓиев, по што во 12 точки посочува што мора веднаш да се стори. Неговиот пост ви го пренесуваме во целост:


ИДЕНТИТЕТОТ Е ВО ПРАШАЊЕ !!!

“…и тука главен проблем е употребата на придавката македонски, постои различно толкување на Преспанскиот договор. Според бугарските колеги употребата на придавката македонски е лимитирана целосно, без оглед како се толкува и како е запишана од наша страна…” – изјави копретседателот на т.н. историска комисија со Бугарија, Драги Ѓоргиев.

СТРАШНО !!!

1. Ова е прво признание дека Преспанскиот договор има улога во развојот на спорот со Бугарија;

2. Бугарија сака свој Преспански договор, го сака член 7, со кој се дефинира употребата на придавката македонски, овој пат во бугарски контекст;

3. Придавката македонски (ознака за јазикот, културата, традициите, обичаите) е лимитирана (ограничена или дефинирана), односно и со Преспански договор веќе е начнат и деформиран (поделен) идентитетот;

4. Грција со Преспански договор доби две лимитирања (ограничувања или дефинирања) на употребата македонски (на идентитетот):

А) временско – седми век

Б) географско – гранична линија помеѓу Република Македонија и Република Грција;

5. Бугарија бара слични лимитирања (дефинирања) на употребата на терминот македонски (како придавка за јазик, култура, обичаи, носии, музика,…):

А) временско – 1944 година (АСНОМ), односно се пред тоа е бугарско, а се после тоа, само во Република Македонија, е македонско, но со бугарски корен,

Б) географско – терминот, придавката има општо регионално значење (за територија на Република Македонија и пиринска Македонија), на кое во државата Република Македонија му се доделило и дополнително политичко значење (ова е поопасно и од дефинирањата што ги прави Грција);

6. Бугарија и Грција во своите меѓусебни односи го имаат затворено прашањето на Македонија со два договори, оној Букурешкиот и оној Нејскиот;

7. Власта отвори страшна пандорина кутија со член 7 од Преспански договор и член 8 од Договорот за добрососедство со Бугарија;

8. Договор со Бугарија, освен со откажување од јазикот и идентитетот, во скоро време не е возможен;

9. Договор со Бугарија, под овој диктат и овие барања, не е ни потребен;

9. Собранието на Република Македонија потребно е под итно да донесе декларација (тврдењето на СДСМ дека не се разговара за идентитетот и јазикот веќе се смешни) со резолутни заклучоци, а врз основа на документот издаден од МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА;

10. Одговорност на сите кои покажаа незнаење, неискуство, ароганција, фантазии и безосетност за другите и за државата и нејзните интереси;

11. Државата Република Македонија да се посвети на градење стратегија за стабилизација и надминување на последиците од ова разорно анационално дејствување на власта;

12. Реформите и патеката кон ЕУ не смее да зависи од балканските големо-државни амбиции на Софија или било кој друг центар.