Нашиот кошаркарски интернационалец Владо Илиевски и во наредните две години ќе го носи дресот на шпанскиот прволигаш Барселона. Струмичанецот, 25-годишниот Илиевски мошне брзо најде заеднички јазик со луѓето од Барселона, кои посакуваа да го сочуваат во своите редови од причина што во националното првенство, а и на меѓународната сцена настапува како домашен играч, бидејќи покрај македонската тој има и словенечка патна исправа. Илиевски по договорот со шпанскиот прволигаш многу помирно ќе може да се подготвува за потпишување на новиот, доживотен договор со својата избраничка, ќерка на славниот кошаркар Петар Вилфан, на просторите на поранешна Југославија. Првобитно е предвидена свеченост во Словенија, а вториот дел од прославата ќе биде во неговата родна Струмица. Илиевски кошаркарската кариера ја започна во струмички Неметали Огражден, а во сезоната 1996/97 година замина преку “големата бара”, каде настапуваше за средношколската екипа Ст. Томас Агинас. Согледувајќи дека во оваа средина нема достојни противници, тој се врати во Струмица, каде една година играше за матичниот клуб Неметали Огражден. Во 1998 година се сели во белградски Партизан, а на истекот од тригодишниот договор беше позајмен во Анталија Спорт (Турција). Најголемата афирмација ја доживеа во љубљанска Олимпија, каде мина две сезони. Тие му беа отскочна штица за афирмација на европската сцена. Замина во Барселона, каде со успех игра веќе две сезони, а последнава редовно е во стартната петорка на реномираниот шпански тим. Тоа беше причина и луѓето од Барселона многу да не се двоумат околу потпишувањето на новиот двегодишен договор. Условите за верноста на клубот не се соопштени. (С.Т.)