Косово ќе ги охрабри терористите

Српскиот претседател Борис Тадиќ ја отфрла идејата за независност на Косово, додавајќи дека српската Влада е подготвена да и предложи на покраината целосна автономија, како дел од кроењето на иднината на регионот.
За време на средбата во фондацијата Хертиџ, Тадиќ предупреди дека решенијата во преговорите за Косово, кои се водат со посредство на ОН, ќе имаат последици за целиот балкански регион и надвор од него, пренесува МИА.
– Добивањето независност на Косово само ќе ги охрабри терористичките движења во регионот, создавајќи притоа нестабилност, истакна српскиот претседател за време на својата посета на САД.
Според него, ако косовските Албанци добијат независност, тоа ќе предизвика бран од дестабилизирачки претензии на националистичките групи во други држави од регионот, посочувајќи ги како пример Македонија и Босна.
Тадиќ за време на посетата ќе оствари средба и со американскиот претседател Џорџ Буш и други високи официјални претставници во рамки на кампањата за зачувување на Косово како српска територија.