“Интересот за комедија како жанр е најголем уште од античко време, и отсекогаш била најзинтересниот дел од театарот и тоа не се менува. Сепак комедијата треба да биде квалитетна за да ја привлече публиката. Не е доволно само да се постави комедија и да се мисли дека таа сама ќе одработи се што е потребно. Комедијата бара сериозен, студиозен труд исто како и секој друг жанр, можеби во некои сегменти и повеќе…”.

Вака светски познатиот филмски и театарски актер од Босна Изудин Бајровиќ, во нашиот разговор на тема комедија ја објаснува атрактивноста на овој жанр.

Тој завчеравечер со својата изведба на сцена во рамите на фестивалот Гола месечина ја насмеа македонската публиката и предизвика големо воодушевување кај присутните кои со аплауз и стоечки овации ја наградија претставата “Балкански шпион во Сараево”.

Оваа претстава беше дел од атрактивната програма на меѓународниот фестивал “Гола месечина” кој се одржува во СЦ “Ново Лисиче”.

Познатиот актер од бившите ЈУ-простори кој го знаеме и по улога во познатата серија “Луд, збунет, нормален” вели публиката секогаш знае да препознае добра претстава.

“Ние негуваме комедија во нашиот театар, имаме три комедии на репертоарот кои се многу посетени, но се трудиме да не бидеме препознатливи само по комедискиот репертоар, туку да бидат застапени и останатите жанрови. Интерес за театар во Босна има. Всушност во театарот работите се случуваат периодично. Доколку театарот направи две-три претстави по ред кои не се добри, публиката многу лесно си заминува од театарот и тогаш треба многу труд таа повторно да се врати. Мора да искажам задоволство дека во моментов сите претстави кои се на репертоарот се полни.

На прашањето што е за него најголем предизвик театар, филм или серија, актерот одговара: “Тука секогаш доаѓаме до онаа класична приказна, која можеби звучи како фраза, но е вистинита – најзахтевна е работата на театар, најмногу бара од актерот да се посвети на работата. Што се однесува на филмот ситуацијата во Босна и Херцеговина во моментот е таква да нема некоја голема продукција, се се сведува на театар, понекогаш некоја серија или еден два филма годишно.

Во план е еден филм во септември кој ќе се снима и во кој и јас би требало да играм. Во ситуација сме секогаш да се радуваме кога ќе се случи филм бидејќи филмската продукција станува инцидентна”, вели Бајровиќ.

Тој во Скопје овојпат доаѓа по цели 12 години кога гостувал во Драмски.

“Градот многу се изменил од она како што јас го паметам. Инаку, соработував со колегите и кога ќе се видиме, мило ни е што се гледаме, но не можам да кажам дека тоа се контакти кои се негуваат. А соработував со македонските актери. Во еден од последните филмови на пример јас и Лабина Митевски игравме маж и жена, беше тука и шминкер од Македонија. Имам пријатели и луѓе кои ги познавам од Македонија, драги луѓе…”, додаде Бајровиќ, кој и со улогата на Сабахудин Чворовиќ докажа дека е врвен актер. Во претставата “Балкански шпион во Сараево” од Душан Ковачевиќ, а во режија на Сулејман Купусовиќ извонредна изведба имаа и актерите Ејла Бавчиќ-Таракчија, Алдин Омеровиќ, Мерима Лепиќ и Милан Павловиќ.

Утревечер, пак, на “Гола месечина” ќе гостува Белградскиот драмски театар со претставата “Елинг” од Сајмон Бент, а во режија на Марко Манојловиќ. Улогите ги толкуваат Павле Пекиќ, Љубомир Бандовиќ, Слободан Ќустиќ, Иван Томиќ, Јелена Ќрурувија-Ѓурица/Наташа Марковиќ.

“Чудните машки парови секогаш биле фасцинантен дел од популарната култура. Двајца мажи во пар, без своите “поубави половини” се непотполни и несовршени, па многу е полесно да се прикажат сите нивни мани…

Во следните денови публиката во СЦ “Ново Лисиче” ќе има можност да ги види и “Хамлет од Горно Дупени” на НТ Војдан Чернодрински, “Парламентарки” од Народен театар Охрид, “Жорж Данден” на Народен театар Ниш, “Македонска приказна” – Театар за деца и младинци и за крај “Нешто пропуштаме” на домаќините Театар Комедија. (Д.Т.)