Бошњачкиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, изјави дека неговиот покоен татко, Алија Изетбеговиќ, пред смртта му ја доверил на сегашниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган улогата на своевиден тутор на БиХ.

Бакир Изетбеговиќ пред новинарите во Сараево рече дека врската меѓу неговиот татко Алија и Ердоган е многу важна, а доказ за тоа е што Ердоган бил еден од последните со кои татко му разговарал пред смртта.

„Татко ми во него препозна силен лидер и му ја остави во аманет грижата за БиХ. Јас мислам дека Ердоган и тоа како добро се носи со тој аманет”, нагласи Бакир Изетбеговиќ во текот на одбележувањето на 14-годишнината од смртта на Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Претседателството БиХ како самостојна држава.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, ја оцени изјавата како скандалозна и опасна и порача дека Бакир Изетбеговиќ може да му го дава на Ердоган на чување само она што е во негова катастарска сопственост.

„Во БиХ живеат два христијански народа во чие име Алија никогаш не говорел ниту имал мандат да говори”, истакна Додик.