Изградбата на новиот објект на Клиниката за гинекологија и акушерство влегува во завршна фаза, а нејзиното екипирање со апаратура и опрема е неизвесно. Според директорот д-р Марјан Стојовски, градежните работи привршуваат и ако не искрснат некои неочекувани проблеми, се би требало да биде комплетирано до крајот на ова или до почетокот на наредната годинава. Меѓутоа, иако изградбата на објектот влегува во завршница, се уште виси неговото екипирање. Грубите математики покажуваат дека за набавка на потребната апаратура и опрема се потребни најмалку од шест до осум милиони евра. Од каде и како ќе се обезбедат овие средства се уште никој не прецизира, но со оглед дека касата на Фондот е во була, најаверојатно, најсигурната алтернатива ќе биде наменска финансиска инфузија од Владата преку државниот буџет.
Станува збор за современ објект од околу 12.000 квадратни метри со сите потребни пропратни содржини за ваква инстуција. Најголемиот дел од финансиската конструкција е обезбеден како донација на Тајван во вредност од околу пет милиони долари, додека помалиот дел за оваа капитална здравствена инвестиција се алиментира од касата на Фондот за здравствено осигурување. Новиот објект на оваа Клиника се наметна како потреба поради тоа што зградата во која сега е сместена оваа институција е статички проблематична и сите натамошни инвестиции во неа би биле неоправдани. (Р.Н.)