Извршена е целосна дезинфекција на затворот во Кшање, соопштија денеска надлежните од казнено поправната установа Куманово. Обезбедени се средства за дезинфекција кои се распределни на вработените, осудените и притворените лица, набавени се заштитини маски и патеки за подна дезинфекција, поставени на влезот на установата.

– На осудените лица им е дозволен контакт меѓу себе. Тие се сместени во одделни соби (од четири до шест лица), но меѓусебната комуникација не им е ограничена од причина што тие се изолирани од надворешниот свет. Контактот на осудените и притворени лица со надворешниот свет е целосно ограничен. Ограничувањето подразбира забрана за посета од нивните семејства, забрана за домашни отсуства и годишни одмори, забрана за излез од седум часа надвор од установата, забрана за посета со брачен и вонбрачен партнер во посебна просторија, изјави директорот на установата, Марјан Спасовски.

Што се однесува за вработените, информираше Спасовски, еден дел користат платено отсуство, согласно одлуките на Владата, а останатите ги извршуваат работните задачи, почитувајќи ги мерките за превенција од ширење на коронавирусот.