Кавадаречката царинска испостава почна да работи во две смени откако се интензивира извозот на грозје. Лозарите го поздравуваат двосменското царинење.
-Царинското работење оди во прилог на лозарите и заради извозот на грозје од земјава се одлучи на ваков чекор што е за поздравување. Нема да се чека наредниот ден и извозот ќе тече без проблеми. Има огромен интерес од странските земји за извоз на нашето грозје, бидејќи во некои од тие земји мразот го обра грозјето, а во други сушата зема данок од лозовите насади – Љупчо Аризанов, претседател на Регионалниот Сојуз на лозари од Тиквешијата.
Досега, како што информираше тој, само преку оваа царинска испостава извезени се околу два милиони килограми трпезно грозје и околу 300 тони винско. Првите количини винско грозје од Тиквешијата уште минатата недела тргнаа на странските пазари. Преку 20 тони од сортата шардонее веќе се пласирани во Албанија.

Извозната цена за еден килограм за извоз минатата недела беше околу 16 денари, а според лозарите интересот за извоз на македонско винско грозје е голем. Покрај тоа, неколкуте нови винарски визби кои годинава прв пат ќе откупуваат грозје се очекува интересот за извоз да ја зголеми конкуренцијата.

Според пресметките на здруженијата на лозари, годинава ќе има зголемено производство во однос на минатата година и тоа 200 милиони килограми грозје. Субвенциите за лозарите се два денари по килограм, а субвенции се исплаќаат и за подигање нови лозови насади.
Минатата година откупната цена за килограм вранец изнесуваше 12 денари, додека смедеревката се откупуваше за 10 денари, ако лозарите сами го достават грозјето во винарските визби. Според винскиот катастар, во Македонија грозје се произведува на површина од 24.000 хектари. Годишно производството на грозје изнесува од 235.000 тони до 250.000 тони од коишто околу 45 до 50 илјади тони отпаѓа на трпезното грозје, а останата количина е винско грозје.
Според пресметките, лани беа извезени 25 милиони килограми винско грозје кај нашите соседи, а над 45 милиони килограми трпезно грозје исто така завршиле на странските пазари.

(Ал.С.)