Известувачот на ООН за тортура испрати отворено писмо до американскиот претседател Доналд Трамп и го замоли да го помилува основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж. Како што изјави, Асанж не е „непријател на американскиот народ“.

„Ве молам, ослободете го Асанж, бидејќи тој не е и никогаш не бил непријател на американскиот народ. Неговата организација ‘Викиликс’ се бори против тајноста и корупцијата низ целиот свет и затоа дејствува во јавен интерес и на американскиот народ и на целото човештво”, напиша Нилс Мелцер. „Со помилување на Асанж, господине претседател, ќе испратите јасна порака за правда, вистина и хуманост до американскиот народ и светот. Ќе рехабилитирате храбар човек кој бил подложен на неправда, прогон и понижување повеќе од една деценија, само затоа што ја кажал вистината”, додаде тој во повикот.

Британски суд во четврток, 4 јануари, ќе одлучува за американското барање за екстрадиција на Асанж.САД сакаат да го гонат за објавување стотици илјади доверливи документи.Во пресрет на британската одлука, основачот на „Викиликс3 беше затворен во високо-безбедносниот затвор Белмарш во Лондон, каде што според Мелцер, условите се лоши.

Мелцер рече дека го посетил Асанж во затворот со двајца независни лекари и дека може да потврди дека неговото здравје значително се влошило до тој степен што неговиот живот сега е во опасност.Во писмото до Трамп, тој наведува дека 49-годишниот Австралиец има проблеми со дишењето, што го прави многу подложен на инфекција со коронавирус, која неодамна се појави во тој затвор.

Тој додава дека Асанж не хакирал и не украл ниту една од информациите што ги објавил, но ги добил од извори и автентични документи на ист начин како што работи секој друг независен и сериозен истражувачки новинар. Асанж би можел да добие 175 години затвор за објавување на повеќе од 700.000 доверливи документи за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан, од 2010 година.

извор: Makfax