Петнаесетгодишната Тања Вукобрат од Скопје е новата победничка на изборот на убавина New Face кој завчеравечер се одржа во елитниот хотел “Александар Палас”. Сашка Иванова од Пробиштип беше избрана за Мис фотогеничност, а Сања Мојсова се закити со титулата Мис шарм. Патем да кажеме дека Тања со победата доби можност да работи во Милано, кој важи за метропола на светските модни случувања. Тања беше прогласена за најубава меѓу 12-те девојки од петчленото жири составено од претставници на странски модни агенции меѓу кои беше и минатогодишната победничка на New Face од Украина. Дванаесетте девојки на трипати продефилираа пред малубројната публика пратени од светски познатите рефрени. Најатрактивно беше второто дефиле каде девојките се претставија во костими за капење. Некои од нив беа срамежливи, некои претерано сигурни, сепак храбро излагајќи ги своите тела на погледите од жирито и публиката. По третото дефиле каде девојките излегоа во лежерна гардероба на “Саш“ беа прогласени победничките, а солзите радосници кои во тој момент ги забележавме на лицето на Тања беа неминовни. Инаку со овој избор кој беше во организација на модното студио “Висаж” од Скопје конечно заврши сезоната на избори на убавина во нашава држава.


(А.Н.) Фото: Ѓ. Личовски