Државата засега нема конкретен план како ќе им помогне на граѓаните и стопанството во случај да се исполнат предвидувањата дека од септември Ковид 19 ќе удри многу посилно. Алсат од Владата се обиде да добие одговори дали земјава има финансиска кондиција да понуди нови пакети помош за граѓаните и фирмите?

Наместо конкретен одговор добивме уверување дека ситуацијата во економијата будно се следела. Властите тврдат дека остануваат во директна комуникација со стопанските комори, академската фела и со сите останати засегнати страни.

Што се однесува до ставот на бизнисмените тој е јасен, стопанството секој ден е сè помалку ликвидно. Втор сериозен бран на коронавирусот со ново тотално замрзнување на реалниот сектор нема да може да се издржи, децидни се бизнисмените. Во најголема опасност се малите и средни претпријатија кои сега трпат големи штети и загуби. Без нови мерки од државата за бизнисот и граѓаните ситуацијата ќе биде многу лоша, предупредуваат од стопанските комори.

Приоритети за бизнисот од септември се:

– Финансиска помош за стопанството

– Борба против сивата економија

– Владеење на правото, вели Данела Арсовска претседател на ССК.

Алсат веќе информираше дека банките веќе се во првични анализи и прават пресметки дали ќе имаат простор да го одложат враќањето на кредитите на граѓаните. Информациите од банкарскиот сектор се дека 70 отсто од граѓаните кои имаат подигнато кредит од банките до октомври ги одложиле ратите. Инаку, во последен период сè потешко е граѓаните да добијат или чујат мислење од експертската јавност поврзана со економската криза во земјава. Познавачите на ваквите кризни состојби одбиваат да коментираат за да не бидат политички поврзани со една или друга партија или веќе се блиски до некоја од нив и не сакаат да си ја загрозат позицијата.