“Подобро да ја имаме Комората како партнер во креирањето на законите, отколку како опонент при нивната имплементација”. Со овој цитат на еден екс британски премиер претседателот на Владата, Владо Бучковски, вчера се обрати пред 100-тина бизнисмени- членови на најстарата коморска асоцијација кај нас, честитајќи им го јубилејот – 84 години од постоењето. Владата, рече притоа тој, по никоја цена нема да дозволи економските реформи да се забават и да станат колатерална штета на изборите и изборната кампања. Такво искуство имаме од минатото, но Македонија повеќе не смее да си дозволи празен од. Економските реформи мора да продолжат со исто, па дури и засилено темпо.За премиерот, не само спроведувањето на реформите, туку и остварените резултати во 2005 година се сигурен сигнал дека македонската економија се движи во вистинската насока.
Новоформираниот Совет на комората од бивши премиери, потпретседатели, министри и економски експерти вчера пред првиот човек на Владата отвори неколку жешки теми од секојдневното работење, како енормната внатрешната задолженост на компаниите, во кој синџир со свои долгови е вплеткана и државата.
По повод јубилејот на коморската асоцијација, претседателот на Комората Бранко Азески рече дека “Стопанската комора лани го најави своето присуство, а годинава ја најавува својата моќ”. Основните цели на Комората, додаде Азески, се воспоставување партнерски однос со секоја легитимно избрана Влада и интензивирање на соработката со останатите бизнис асоцијации во Македонија. По свечената седница, Стопанската комора и Управата за јавни приходи потпишаа Протокол за соработка.


Виолета ЦВЕТКОВСКА