Полицијата го објави името на првата жртва од ерупцијата на вулканот во Нов Зеланд, а потрагата по телата на останатите лица продолжува.

Пронајдено е телото на дваесет и едногодишната девојка, Ева Бровит, од Мелбурн, која во туристичка обиколка заминала заедно со семејството.

Нејзиниот татко Пол и сестрата Стефани се хоспитализирани и се лечат од тешки изгореници по телото.

Досега е потврдена смртта на 15 лица, а 20 се во болница со изгореници.

Во петокот, телата на шест загинати беа пренесени од островот по високоризична операција на спасувачите.

Новозеландската полиција и воените нуркачи ја продолжија потрагата по исчезнатите денеска, во контанимираните води на Белиот остров.

Околностите на потрагата не се оптимални, со оглед на многу слабата видливост на некои места. Нуркачите велат дека морето исфрлило многу мртви риби и јагули на брегот.

Полицијата ги анализира сите информации и ги проценува можните следни чекори.

Меѓу 47 лица пронајдени на островот за време на ерупцијата на вулканот, биле и австралиски, американски, германски, кинески, британски и малезиски туристи.

Премиерот Џаcинда Ардерн најави дека во понеделник во 14:11 часот ќе се одржи минута молчење во помен на жртвите.

„Каде и да сте, во Нов Зеланд или низ целиот свет, ова е моментот кога можеме да застанеме покрај оние кои ги загубија своите најблиски во оваа трагедија“, рече премиерката.

извор: Makfax