Годинава, Обединетите нации одбележуваат 70-годишнина од своето основање, започнувајќи со чествувањето на годишнината на потпишувањето на нејзиниот основачки документ, но кризите во светот сериозно опоменуваат за неуспесите на светската организација.

Потпишан на 25 јуни 1945 година, во Сан Франциско, Калифорнија, Уставот на ОН е создаден да „ги заштити идните поколенија од камшикот на војната”, претворајќи ја поддршката за меѓународниот мир и безбедност во главен приоритет на организацијата.

Покрај сето тоа, 70 години по потпишувањето на исторскиот документ, ОН не успеа да ја исполни таа своја прва задача во неколку насоки, од неодамна и во Сирија и во Украина, поради политичките блокади меѓу петте земји постојани членки на Советот за безбедност, кои го искористуваат правото на вето.

– Сметам дека проблемот произлегува од искористувањето на ветото или заканите за негово искористување во Советот за безбедност, рече заменик генералниот секретар на ОН, Јан Елиасон. -Според мене, најопшто кажано, фактот што Советот за безбедност не успева да изработи формула за Сирија, најмногу му штети нему и на ОН, додаде тој.

Пол Кенеди, професор по историја на Универзитетот Јејл и специјалист по меѓународни односи, се согласува со оценката на Елиасон, и подвлекува дека ОН ги остварила основните основачки идеали на „многу ниско ниво”.

– Националните влади и националните интереси се главната причина што ефективноста на ОН е толку ограничена, вели Кенеди.

Тој подвлекува дека идејата за ветото е тоа да биде искористено како многу селективен инструмент од петте светски сили: САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција, кога нивните животни национални интереси се под закана. Но наместо тоа, ветото се се претвори во политички инструмент кој честопати го попречува Советот да дејствува.

– Се случуваат катастрофи, а големите луѓе и големите влади не гледат нужност да се дејствува, или пак се против преземање на дејствија, посочува Кенеди. – Мерките за безбедност на светската организација не успеаја токму затоа што големите сили одбија да дејствуваат. Па тогаш кој е поразен? Поразени се владите на големите сили, дополнува тој.

Иако ветото не е споменато експлицитно во Уставот на ОН, документот повикува на едногласност меѓу постојаните членки на советот, што беше нов елемент во односите од претходникот на ОН – Заедницата на народите, но подоцна отпадна затоа што големите сили не го поддржаа.

– Уставот на ОН е комбинација од идеализам и реализам, вели Алан Хенриксен, професор по историја на дипломатијата и директор на одделот за Дипломатски истражувања во високата школа за право и дипломатија Флечер при Универзитетот Тафтс.

– Големата промена беше да се признае дека консензусот помеѓу големите сили е крајно неопходен, потенцира тој.

Иако ветото беше замислено за да ги мотивира големите сили да ја искористат ОН како платформа за дијалог и инструмент за прекин на конфликти, неговото повеќекратно искористување во случаи кога не се засегнати животните интереси на постојаните членки, често го правеа Советот немоќен.

Илустрација на таа парализа е изралеско-палестинскиот проблем, кој е на дневен ред на ОН уште од самото нејзино формирање.

Државата Израел беше создадена во 1947 година со резолуцијата 181 на Генералното собрание на ОН, со кое исто така се повикува на создавање и на палестинска држава.

Но палестинската држава не стана факт, главно заради многуте случаи на наметнато вето од САД, кои се сојузник на Израел.

Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур, рече дека е „еднострано” од ОН да се заземе за палестинското прашање наложено до Светската организација од страна на Велика Британија, која на крајот на 1948 година требаше да го заврши мандатот од Заедницата на народите што и беше даден и со тоа официјално да се стави крај на нејзиното владеење во регионот.

– Еден од најголемите неуспеси на ОН е што се повлече од решавањето на ситуацијата во Палестина во предвечерјето на истекувањето на мандатот на Британија, а 70 години подоцна Палестина не може да и се приклучи, рече Мансур.

Тој истакна дека ОН требала да го отфрли барањето на Велика Британија да го реши прашањето и требало да ја повика Велика Британија да даде независност по колонијалното владеење.

Друг голем пораз на советот беше геноцидот во Руанда во 1994 година. Иако на лице место имаше сили за набљудување од ОН, војниците на ОН не добија доволна поддршка од Советот за безбедност да го сопрат убивањето на околу 800 илјади Тутси од умерените Хути.

– Ако 400 тешко вооружени војници појдеа таму, колежот ќе беше сопрен, рече Кенеди. – Тоа беше пораз на самиот врв на организацијата, додаде тој за агенцијата ДПА.

Иако ОН не ги исполни своите правни мерки за мир и безбедност, независните од Советот за безбедност агенции на ОН постигнаа многу во глобалниот развој, во помошта и во создавањето меѓународни раководни насоки.

Донесените од ОН во 2000 година, Целите за милениумски развој ги повикаа владите да ги исполнат глобалните фокусни точки за развојот до 2015 година. Слични цели беа набележани и за следните 15 години.

Насоките кои Хенрикс ги нарече „патни правила” ги вклучуваат меѓународните стандарди во авијацијата, здравството, бегалците и атомската енергија.

ОН игра централна улога и во усогласувањето на напорите за постигнување договор за намалување на климатските промени.

– Различни агенции заслужуваат сериозна пофалба затоа што изминаа доста долг пат во споредба со ситуацијата пред 20 или 70 години, рече Кенеди.